Ирански наставник 12 дена бил окован со синџири за болнички кревет
Портпаролот на Синдикатот на наставници во Иран, Џафар Ебрахими, кој е во затвор, објави писмо во кое вели дека откако бил префрлен од озлогласениот затвор Евин во Техеран поради болест, властите дванаесет дена го држеле врзан со синџири за болничкиот кревет и не му дозволувале пристап до неговиот адвокат ниту пак комуникација со семејството, информира Радио Фарда на РСЕ.
„Тие ми ја направија болницата полошо место од затворот“, вели Ебрахими во писмото, кое го објави иранскиот синдикат на наставници на 28 ноември.
Затворот Евин има долга историја на брутално однесување кон затворениците.
Ебрахими, заедно со други активисти на синдикатот на наставниците, беа уапсени од безбедносните сили на 30 април, непосредно пред демонстрациите во неколку градови кои се одржаа на први мај годинава, што се совпадна и со Денот на учителите во Иран, на кои наставниците бараа подобри работни услови и ослободување на нивните затворени колеги.
Приведени при протести на наставници во Иран
Апсењата во голема мера се сметаа за обид да се дискредитираат демонстрациите и да се зголеми притисокот врз синдикатот на иранските наставници за да ги прекинат протестите.