Турција ги повика на разговор амбасадорите на неколку западни земји
Турција ги повика амбасадорите на неколку западни земји, од кои бара објаснување за привременото затворање на нивните дипломатски претставништва во земјата и издавањето безбедносни предупредувања по инцидентите со палењето на Куранот во Европа. Екстремно десничарските активисти ја запалија светата книга на исламот, Куранот, во Шведска, Данска и Холандија минатата недела, што ја натера Турција да ги прекине преговорите за членство во НАТО со Шведска и Финска.
Европските земји ги осудија инцидентите, но некои велат дека не можат да ги спречат поради правилата за слобода на говорот, пренесува Ројтерс.
Земјите како Франција, Германија, Италија и Соединетите држави ги предупредија своите граѓани на зголемен ризик од напади во Турција, особено на дипломатски мисии и немуслимански верски објекти.
Финска и Шведска остануваат посветени на приклучување кон НАТО
Германија, Франција и Холандија беа меѓу земјите кои оваа недела привремено ги затворија дипломатските претставништва од безбедносни причини. Турција, од своја страна, во текот на викендот ги предупреди своите граѓани за „можни исламофобични, ксенофобични и расистички напади“ во САД и Европа.
Извор од турското Министерство за надворешни работи рече дека амбасадорите на девет земји биле повикани во четвртокот, но не ги идентификувал. Од амбасадата на САД потврдија дека на состанокот во министерството присуствувал и нејзиниот амбасадор. Два европски дипломатски извори соопштија дека биле поканети и амбасадорите на Германија, Франција и Холандија.
Портпаролот на владејачката партија АКП, Омер Челик, ги отфрли безбедносните предупредувања како „неодговорни изјави“, додавајќи дека Турција е безбедна земја. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу рече дека привременото затворање на конзулатите на некои западни земји од безбедносни причини има за цел да започне психолошка војна против Турција.