Во Казахстан навредата кон Назарбаев ќе биде декриминализирана
Пратениците во Казахстан се подготвени да го укинат членот од Кривичниот законик кој предвидува гонење за навреда на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев. До ова дојде затоа што актуелниот претседател Касим-Жомарт Токаев продолжува да се дистанцира од својот претходник.
Казахстанската пратеничка Снежана Имашева на 1 јуни изјави дека членот 373 од Кривичниот законик, според кој јавното навредување или кое било друго нарушување на честа и достоинството на првиот претседател на Казахстан, може да се казни со затвор до пет години, ќе биде укината. Министерството за правда подоцна ја потврди изјавата на Имашева.
Токаев презеде серија потези од јануари 2022 година за да го отстрани влијанието на Назарбаев, кој со железна тупаница владееше со строго контролираната поранешна советска република речиси три децении.
Иако официјално се повлече од функцијата претседател, Назарбаев ги задржа големите овластувања како шеф на моќниот Совет за безбедност на земјата. Тој, исто така, уживаше значителни овластувања со тоа што ја имаше титулата „Елбаси“.
Најавата за бришење на членот 373 доаѓа повеќе од четири месеци откако казахстанските пратеници го поништија Законот за прв претседател - водач на нацијата (Елбаси).
Иако законот беше укинат, самиот Назарбаев и натаму ужива имунитет од гонење во согласност со законот за претседатели.
Дури и по оставката на Назарбаев, многу Казахстанци останаа огорчени поради угнетувањето што се чувствуваше за време на неговото владеење.
Тие чувства дојдоа до израз во јануари минатата година, кога невидени антивладини протести на национално ниво беа поттикнати од зголемувањето на цената на горивото.
Демонстрациите неочекувано експлодираа во смртоносни немири ширум земјата поради перцепираната корупција под режимот на Назарбаев и кронизмот што им овозможи на неговото семејство и блиските пријатели да се збогатат додека обичните граѓани не почуствуваа благодет од богатството на нацијата богата со нафта.
Последователно, Токаев му ја одзеде функцијата на Назарбаев во Советот за безбедност, преземајќи ја самиот тој. Оттогаш, неколку роднини и сојузници на Назарбаев беа истиснати од своите позиции или поднесоа оставка. Некои се уапсени под обвиненија за корупција, од кои некои се осудени на затворски казни.