Варшава се надева дел од американските сили во Германија да дојдат во Полска
Вол Стрит Џурнал вчера објави дека бројот на американски војници во Грманија ќе се намали за 9500 од сегашните 34500. Дер Шпигел, пак, објави дека до наесен бројот на американски војници во Германија ќе се намали за 5 – 15 илјади.
Трамп долго време се жали дека Германија не ја исполнува заложбата на НАТО членките да трошат по 2 проценти од БДП на одбрана.
Ројтерс цитираше неименуван американски претставник кој вели дека дел од американските војници ќе бидат испратени во Полска и во другите сојузнички земји, а дел ќе бидат вратени дома. Според него, веќе не е потребен толку голем американски контингент во Германија со оглед на вкупно зголемените трошоци за одбрана на НАТО.
Друг неименуван претставник рече дека на планот се работи со месеци и оти тој нема врска со тензиите меѓу Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел.
Белата куќа и Пентагон ниту ги потврдија ниту ги демантираа наводите на Вол Стрит Џурнал. Засега нема реакција ниту од германското Министерство за одбрана или за надворешни работи.
Двајца пратеници на владејачката Христијанско-демократска унија во Германија ги критикуваа наводните американски планови за повлекување на над една четвртина од американските војници од Германија.