Пронајдено лавче на пат во Суботица
Лавчето е згрижено во Зоолошката градина во Палиќ. Се наоѓа во кафез, во карантин.
Како што изјавија за Радио Слободна Европа (РСЕ), лавчето е во многу лоша состојба.
Директорката на зоолошката градина во Палиќ, Соња Мандиќ, за РСЕ изјави дека биле информирани од Специјалната единица на Министерството за внатрешни работи на Србија за сузбивање на еколошки криминал и заштита на животната средина за подрачјето на градот Суботица дека е откриено младенче. Потоа вработените во зоолошката веднаш излегле на терен.
„Денеска искрено, единствено ни е важно да преживее“, вели Мандиќ.
Како што рече, лавицата примила неколку дози инфузија, и била земена крв, а ќе се направат и рендген снимки за да се утврди состојбата на животното.
Полицијата во Суботица утврдува каде било лавчето, како дошло таму, кој го држел, чие било.
Според Соња Мандиќ, зоолошката во Палиќ во моментов нема доволно капацитет за трајно згрижување на ова младенче лав, а Министерството за заштита на животната средина во наредниот период ќе донесе одлука каква ќе биде неговата судбина.