Владата прогласи седумдневна жалост по трагедијата во Кочани
Владата на Северна Македонија ја започна денешната седница на 16 марти со едноминутно молчење со што им оддаде почит на трагично загинатите во пожарот во Кочани. Донесе одлука за прогласување седумдневна жалост на територија на целата држава, а во Министерството за надворешни работи ќе биде отворена книга на жалост.
„Владата донесе одлука за прогласување на седумдневна жалост на територија на целата држава. Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на Министерството за огромната несреќа која се случи“, се наведува во соопштението објавено на владината веб страница.
Исто така, на владината седница е донесена одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на Северна Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата. Целта на инспекциските надзори е да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.
Владата на седницата донела заклучок и за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.
Воедно, најавува и правна разврска за несреќата во Кочани.
„Никој не е над законот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, во овој трагичен настан не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадомесливата загуба. Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените. Водно, во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста“, наведуваат од Владата.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени е 155.