Најмалку четири жртви од поплавите во Бугарија, Северна Македонија понудила помош
Во поплавите што зафатија делови од југоисточна Бугарија и брегот на Црното Море, загинаа најмалку четири лица.
Бугарските медиуми јавија дека во одморалиштето Елените, во близина на градот Несебар, била пронајдена и четвртата жртва, државјанка на Русија, која нејзиниот сопруг претходно ја пријавил за исчезната.
Помош за справување со поплавите понудила и Северна Македонија, за што бугарскиот претседател Румен Радев соопшти преку социјалните мрежи откако имал телефонски разговор со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Ѝ се заблагодарувам на претседателката Гордана Сиљановска за конструктивниот телефонски повик и изразеното сочувство за жртвите од поплавите во Бугарија, како и за искажаната подготвеност на Република Северна Македонија да даде поддршка во справувањето со последиците од катастрофата“, напиша шефот на бугарската држава.
Поради невремето стотици луѓе во Бугарија беа принудени да се евакуираат, а властите прогласија и вонредна состојба во неколку градови и места долж брегот на Црното Море.
Делови од населението остана и без електрична енергија, а пристапот до погодените подрачја, како што јавуваат бугарските медиуми, е ограничен, а волонтери, воени и други тимови за помош интензивно работат на расчистување на теренот.