ДИК: Гласањето на болните и затворениците се одвива без проблеми
Гласањето на болните и изнемоштени лица, затвореници и лица сместени во установи за вонсемејна грижа денеска се одвива непречено и без пријавени потешкотии, информира Државната изборна комисија (ДИК).
„Гласањето е спроведено навреме, немаме никаков проблем ниту со изборен материјал, ниту со изборни органи. Нема забелешки, приговори или поплаки,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на продолжението на 151. седница на Комисијата.
Тој појасни дека гласовите од денешното гласање нема да се бројат одделно, туку ќе бидат запечатени и приклучени кон утрешното гласање, а потоа ќе бидат објавени како дел од вкупните резултати. По завршувањето на гласањето, ДИК ќе објави дополнително соопштение за одѕивот.
На денешната седница, ДИК разгледа и неколку приговори поврзани со избирачкото право. Четири приговори беа усвоени, со што подносителите добија можност да гласаат, бидејќи ги исполнуваат законските услови, додека три приговори беа одбиени како неосновани.
Според податоците на Комисијата, своето избирачко право денеска го остваруваат 4.826 болни или немоќни лица, 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи и 214 лица сместени во 13 центри за вонсемејна грижа.
Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи утре, граѓаните ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и советници во Шуто Оризари. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
ДИК потврди дека изборниот процес ќе го следат 1.622 набљудувачи, од кои 957 домашни, 651 меѓународни и 14 странски новинари.