Договор за повисоки плати, се чека одлука од синдикатот
Владата го прифати барањето на УПОЗ но не во целост, но важно е дека се прифати да се исплаќаат додатоците на плати за работниците во државната управа и правосудството, изјави претседателот на синдикатот Трпе Деаноски по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски и владини претставници.
„Додатоците ќе бидат на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти за жал, не по 10. Пак ќе повторам за жал, не ги добивме минатата година, меѓутоа еве Владата прифати да ги исплаќа од сега со почеток од месец март, преку начин што сите институции од државната управа и правосуството, значи судовите, обвинителства ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право“, рече Деаноски.
Појасни дека за ова да се реализира треба се подготви текстот на овие колективни договори заедно со претставниците на Владата и синдикатот. Потоа договорите треба да бидат ставени на гласање пред органите и телата на синдикатот.
Тој нагласи дека ако членовите ги прифатат договорите, ќе може веднаш да се продолжи со нивно потпишување.
„Доколку не прифатат, Владата ќе добие наш одговор дека веќе е изгубена една година, а работниците можеби ќе бараат и повисоки износи од тоа што сега е понудено, и да видиме дали ќе има условување од Владата за откажување од нешто друго“, изјави Деаноски.
Во меѓувреме УПОЗ преку соопштение информира дека денеска во 15.30 часот ќе биде свикан состанок на органите и телата, за да бидат информирани за новата состојба.
„Зголемувањето на платите за сите вработени во управата и правосудството е поголемо од веќе обезбеденото зголемување со Општиот колективен договор за јавниот сектор како поповолно право за рабниците. Дополнително, во пресметката на платите на вработените како компонента на плата останува минималната плата, а борбата за зголемување на минималната плата за сите работници продолжува се до нејзино зголемување, а со тоа и зголемување на платите на сите работници кои во својата пресметка на плата ја имаат минималната плата. Платата во единиците на локалните самоуправи може да се зголемува преку склучување на поединечни колективни договори“, стои во соопштението од УПОЗ.
Денешната средба следуваше откако премиерот даде понуда за раст на платите за која УПОЗ потврди дека е прифатлива и дополнително ќе се разговара во рамките на синдикалните организации.
Мицкоски, одговарајќи вчера на новинарски прашања во врска со актуелните разговори за покачувањата на минималната плата и зголемувањето на платите за вработените во јавната администрација со синдикалните претставници, рече дека Владата има своја формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата.
„Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа е како ќе следува покачувањето на платите на административците, етапно ќе значи и повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата “, рече Мицкоски.
Барањето за минимална плата од 600 евра доби и улична димензија на 28 јануари, кога синдикатите одржаа протест и предупредија дека, доколку не дојде до зголемување на платите, ќе иницираат законски измени за намалување на функционерските плати до 80 проценти.
Минималната плата во Северна Македонија е 397 евра, трипати помала од потрошувачката кошница со која едно семејство може да го помине месецот и во регионот е повисока само од Косово.