Ердоган в недела во посета на Ватикан
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган в недела ќе отпатува во дводневна официјална посета на Ватикан, на покана на поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско, соопшти канцеларијата за односи со јавноста на турскиот претседател.
Оттаму наведуваат дека Ердоган и папата Франциско ќе разговараат за билатерални и регионални теми, но и дека турскиот претседател ќе се сретне и со ватиканскиот државен секретар, кардиналот Пјетро Паролин.
Тие исто така ќе разговараат за регионалната криза, статусот на Ерусалим, ситуацијата во Сирија, проблемите со исламофобијата и ксенофобијата во светот и борбата против тероризмот. По посета на Ватикан, Ердоган во Рим ќе одржи и работен ручек со италијанскиот колега Серџо Матарела, а потоа и со шефот на италијанската Влада Паоло Џентилони.