САД ја осудуваат одлуката на Сирија да ја признае независноста на Абхазија и Јужна Осетија
Соединетите Држави ја осудија одлуката на Сирија да ги признае отцепените грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија како независни држави. Во соопштение на портпаролката на Стејт департментот Хедер Ноерт се наведува дека Соединетите Држави силно ја осудуваат намерата на сирискиот режим да воспостави дипломатски односи со руски окупираните грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија.
"Тие региони се дел од Грузија. Ставот на Соединетите Држави за Абхазија и Јужна Осетија е непроменет“, се вели во соопштението.
Ноерт, исто така, повтори дека САД ја повикува Русија да ги повлече своите сили од позициите што ги држеа, пред кратката војна меѓу Русија и Грузија во август 2008 година.
Изјавата доаѓа еден ден откако Грузија вели дека ќе ги прекине дипломатските односи со Сирија поради одлуката на Дамаск да ги признае Абхазија и Јужна Осетија како независни држави.
Европската унија, исто така, го осуди сирискиот потег, велејќи дека со истиот го крши меѓународното право.