Столтенберг му ја предаде на Заев поканата за членство во НАТО
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска го потпиша и му го предаде писмото на премиерот Зоран Заев во кое и официјално го информира за одлуката на Алијансата на Македонија да и се додели покана за членство. На заедничката прес-конференција во Брисел, Столтенберг изјави дека со таквата одлука НАТО покажало оти вратата за членство останува отворена.
„Договорот за името ги отстрани пречките за отворање на пристапните преговори. Остваривте клучен напредок со кој се отвори патот за вашата земја да стане полноправна членка на НАТО. Сега ќе започнат деталните пристапни преговори кои ќе и помогнат на вашата земја да ги направи последните подготовки за целосно членство“, рече Столтенберг.
Заев порача дека е горд и благодарен на одлуката за пристап за полноправно членство на Македонија во Алијансата.
„Ова е историска одлука за иднината на мојата земја и за нашите граѓани“, рече Заев.
Одлуката, како што наведе тој, е признание за сите кои биле вклучени во остварување на членството на Македонија во НАТО.