Заев во Европскиот парламент: референдумот е за втора независност
Референдумот на 30 септември е референдум за втора независност, за Македонија тоа е можност која толку долго ја чекавме, во 1991 година гласавме за независност на референдум, сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор, истакна премиерот Зоран Заев во неговото обраќање пред Европскиот парламент на покана на претседателот Антонио Тајани.
„Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември е многу повеќе одколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност“, истакна Заев.
Заев пред европратениците и членовите на Европската комисија ја објасни важноста за Македонија на склучувањето на Преспанскиот Договор, заблагодарувајќи му се и на неговиот грчки колега, Алексис Ципрас. Заев посочи дека дека решавањето на спорот може да послужи како пример за решавање на други билатерлани спорови.
Заев истакна дека неговото обраќање е прво на македонски премиер кој се обратил на македонски јазик во Европскиот парламент. Тој рече дека Македонија прави се за да ги постигне стандардите на Европската унија.