Ѓукановиќ: Референдумот во Македонија е „сигнал за тревога“ за ЕУ
Резултатот од референдумот во Македонија, кој беше одбележан со масовен бојкот, ЕУ треба да го сфати како „сигнал за тревога“ за заканата што ја претставуваат антиевропските сили на Западниот Балкан, изјави денеска црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
„Продолжувањето на проширувањето (на Унијата) е од клучно значење за Западниот Балкна и за ЕУ“, оцени Ѓукановиќ во обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.
Црногорскиот претседател нагласи дека има впечаток оти проевропскиот ентузијазам, што се разви по падот на Берлинскиот ѕид, сега како да тапка во место.
„Во земјите од Западниот Блакан се слушаат пораки, поразлични од оние од останатиот дел на Европа, за темпото по кое треба да продолжи проширувањето. Забуните ги потхрануваат илузиите што ги користат некои ретроградни фактори што постојат во нашиот регион, кои продолжуваат да сонуваат за одново рекомпонирање на целиот регион и за создавање и ширење на држави по национална основа“, предупреди Ѓукановиќ.
Тој нагласи дека референдумот во Македонија на најдобар начин ги илустрира овие проблеми.