Тевдовски - Државните хартии од вредност ќе котираат на Македонска берза
Државните хартии од вредност ќе котираат на Македонската берза. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори, а зголемената побарувачка ќе придонесе да се намалат каматите за државата. Ова, како што соопшти Министерството за финансии, го најави министерот за финансии Драган Тевдовски на шестиот Ерсте инвеститорски појадок.
„Сведоци сме на раздвижување на Македонската берза. Од почетокот на годинава има значајно зголемување и кај обемот и кај вредноста на МБИ10. Во оваа насока сакам да најавам дека Министерството за финансии е во преговори со Македонска берза државните хартии од вредност да почнат да котираат на берзата. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори. Зголемената побарувачка ќе придонесе да се намали каматниот трошок на државата. А, ќе се зголеми и ликвидноста и транспарентноста со секундарното тргување“, рече Тевдовски.
Министерот за финансии посочи дека Министерството за финансии ја следи европската пракса кај пазарот на капитал. Согласно тоа, Законот за хартии од вредност, донесен во 2005 година, ќе биде заменет со два нови закони.