Возачите да не го користат автопатот Миладиновци – Штип додека не биде пуштен во употреба
Градежните активности на автопатот Миладиновци – Штип во сите три секции се комплетно завршени, но министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, апелира да не се вози по него сè додека не биде и официјално пуштен во употреба. Наспроти најавите во дел од медиумите, пуштањето во употреба на патот нема да биде утре.
„Автопатот е многу важно да биде пуштен во употреба и тоа ќе се случи, меѓутоа уште поважно е да се извршат уште еднаш безбедносни проверки по сите елементи на патот. Тоа ќе се случи во наредните денови со цел сите граѓани да бидат безбедни кога возат по тој пат. Ќе биде пуштен во скоро време. Сакам да испратам апел, патот дури не биде пуштен возачите не треба да го возат“, одговори министерот Сугарески на прашањето зошто се вози по автопатот Миладиновци – Штип без тој официјално да биде пуштен во употреба.
Минатата недела од Министерството за транспорт и врски објаснија дека патот е пуштен во пробна употреба и за него се вршат технички проверки.