Османи: инцидентот во ИВЗ е срамен чин, може да влијае на меѓуетничките односи
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска на состанокот со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која разговарал меѓудругото и за случувањата во Исламската верска заедница, соопштија од Секретаријатот за европски прашања.
“Инцидентот со упадот во Исламската верска заедница претставува срамен чин кој ја загрозува секуларноста на земјата и уставно загарантираната автономија на верските заедници во Република Северна Македонија и очекувам од владата, но и од останатите институции да преземат активности со кои ќе ја заштитат независноста на ИВЗ”, истакна Османи.
Тој, како што наведуваат од секретаријатот, посочил и дека ваквите инциденти со сигурност негативно ќе влијаеле на стабилните меѓуетнички односи, кои претставувале плод на долгогодишен труд и внимателно однесување.
“Во моментов меѓуетничките односи се стабилни и цврсти и на тоа сме особено горди, но тоа не е нешто што треба да се зема здраво за готово, туку напротив, мораме активно да работиме на нивното одржување”, истакна Османи.