Папата зборуваше за "жртвите" на романската емиграција
Папата Франциск се осврна на "жртвите" на романската емиграција за време на првиот ден од неговата посета на Романија каде што пристигна денеска.
Милиони Романци ја напуштија земјата во текот на изминатите две децении, поради големата невработеност, сиромаштија и тековните корупциски скандали. Франциск на својата прва посета на Романија, рече дека егзодусот довел до "испразнување на многу села" во Романија, која сé уште се соочува со големи општествени и политички проблеми и покрај пристапувањето во ЕУ во 2007 година.
"Им се поклонувам на жртвите што ги понесоа толку многу синови и ќерки на Романија, кои ... ги збогатија оние земји каде што емигрираа, и со нивната напорна работа им помогнаа на своите семејства кои останаа дома", рече тој во говорот во претседателската палата што се емитуваше на националната телевизија.
Денеска папата одржа и миса во Католичката катедрала Свети Јосиф во центарот на Букурешт, каде што се собраа илјадници луѓе.