Прв телефонски разговор меѓу Путин и Зеленски
Рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на првиот заеднички телефонски разговор зборувале за конфликтот во источна Украина и за размена на затвореници. Од Кремљ велат дека Зеленски го иницирал разговорот.
Тој функцијата претседател на Украина ја презеде во мај. Во разговорот со Путин го покренал прашањето за ослободување на 24 украински морнари заробени од страна на Русија, се наведува во соопштението на веб-страницата на претседателот на Украина.
Досега Путин не му се јавил, ниту пак му ја честита победата на Зеленски.
Денешниот разговор, доаѓа по видео понудата на Зеленски од пред некој ден да се сретне со Путин во главниот град на Белорусија, Минск, за да разговараат за анексијата на Крим и за конфликтот во Украина. Зеленски рече дека би сакал лидерите на САД, Велика Британија, Франција и Германија за да се приклучат на разговорите.
Запрашан за претходниот предлог на Зеленски Путин изјави дека е отворен за разговори со новиот украински лидер.