Косово доби нова влада
Косовското собрание денеска ја изгласа новата влада на чело со премиерот Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово, што е втората влада по изборите што се одржаа во октомври минатата година.
Владата беше изгласана со 61 гласови за, 24 против и еден воздржан, што беше минимум гласови за избор. На седницата не присуствуваа пратениците од партијата Самоопределување на доскорешниот премиер Албин Курти.
Тачи: „патриотските измами“ на Курти
Еден од приоритетите на новата влада ќе биде дијалогот со Србија во соработка со ЕУ и САД, но „не допуштајќи промена на границите или размена на територии“, рече новоизбраниот премиер Хоти.
Собранието ѝ изгласа недоверба на владата на Курти на 25 март, 52 дена по формирањето. Барањето за недоверба го покрена владиниот партнер – Демократскиот сојуз на косово поради несогласувањата за мерките против коронавирусот и односите со САД.
Самоопределување, кои на изборите освоија најмногу гласови, ја сметаат владата за нелегитимна.