Косово бара преиспитување на одлуката за ПЦР тестови при влез во Македонија
Косовскиот министер за здравство Арменд Земај денеска побара Северна Македонија да ја преиспита одлуката за задолжителни ПЦР тестови за влез на граѓаните од Косово во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Земај на Фејсбук напиша дека одлуката на македонската Влада им штети на косовските граѓани и на бизнисот.
Тој додаде дека побарал од Амбасадата на Косово во Северна Македонија да ги контактира властите за изнаоѓање на решение.
„Побарав од амбасадорот Џерџ Дедај да се обрати до надлежните органи и да им го пренесе нашиот став за потребата за соработка на нашите држави со цел да се надмине пандемијата и за заедничка координација во борбата против коронавирусот“, истакна Земај.
Од утре задолжителен ПЦР тест за влез во земјава од Србија, Црна Гора, БиХ и Косово
Владата вчера донесе одлука од денеска за влез во Македонија од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово да биде задолжително да се приложи негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.