Алијанса и Алтернатива маршираа за демократија
Со албански знамиња и знамиња на САД и Европската Унија членовите и поддржувачите на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива вечерва маршираа од паркот Чаир, преку Владата па се до Делегацијата на ЕУ во Скопје. Маршот, наречен „Марш за демократија“, е со цел да се заштити демократијата и да се врати довербата на граѓаните во демократските вредности, порачаа од Алијанса и Алтернатива од каде неколкупати досега посочија на изборен грабеж со кои се соочиле на неодамнешните парламентарни избори.
Протестот помина мирно, најголем дел од учесниците носеа маски, но не ја почитуваа социјалната дистанца која е препорачана поради состојбата со пандемијата со ковид 19.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Сеља во својот говор пред седиштето на делегацијата на ЕУ порача дека со овој марш се испраќа јасна порака дека една држава којашто ги почнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и бидат избрани, што е основното човечко и политичко право во ЕУ.
„Правото да се брани гласот е важно исто толку колку што е важно да се брани и самата слобода. Овие се правила на демократијата. И затоа нема да дозволиме да се манипулира со волјата на народот“, рече Сеља.
Управниот суд ги одби сите 185 тужби од партиите за изборите
Двете партии соопштија дека за нив ДУИ не е победник на изборите, туку е арамија на албанската политичка волја.
„Нашата борба за демократија ќе продолжи и нема да запре се додека не се постигне целосна демократија во албанскиот политички камп. Веќе имаме 12 пратеници кои, без оглед дали ќе бидат дел од мнозинството или не, тие ќе бидат гласот на Албанците за демократија и нема да дозволиме ништо друго да ја замени демократијата во нашата земја. Ако сме земја која има за цел европска интеграција, слободата и демократијата треба да бидат клучен збор за оваа интеграција“, велат од партиите.