Шпанија се надева на вакцинација на најмалку десет милиони луѓе
Водечкиот шпански здравствен претставник денеска изјави дека Владата сака да вакцинира против Ковид-19 најмалку десет милиони луѓе во земјата од 47 милиони жители, користејќи ја новата вакцина која ја развија американската фармацевтска компанија Pfizer и нејзиниот германски партнер BioNTech, јавува АП.
Pfizer Inc. соопшти дека вакцината против Ковид-19 би можела да биде ефикасна во 90 проценти од случаите, врз основа на рани и непотполни резултати од тестирањата.
Шпанскиот министер за здравство Салвадор Ила изјави дека вакцинацијата ќе биде бесплатна. Тој очекува дека ќе бидат вакцинирани доволен број луѓе во Шпанија, заедно со набавките на останатите вакцини до мај 2021 година.
Земјата очекува да ги добие првите дози вакцини од Pfizer на почетокот на 2021 година, изјави министерот за ТВЕ, пренесува АП.
Тој исто така најави дека со научни аргументи ќе им се спротивстваи на луѓето кои се против вакцинација. Анкетниот завод на Шпанија ЦИС наведува дека 43 проценти од Шпанците се загрижени поради вакцинацијата.
„Ќе бидеме многу јасни и уверливи против луѓето кои кажуваат лаги и се играат со антинаука“, изјави Ила.
Шпанија забележа повеќе од 39.000 смртни случаи поврзани со вирусот и повеќе од 1,38 милиони заразени, пренесува АП.