СДСМ не ги поддржува измените на Законот за државјанство во предложената форма
Владејачката партија не ги поддржува измените на Законот за државјанство во предложената форма поднесени од пратеници на Алијасна за Албанците и Алтернатива, соопштија од СДСМ. Тие, како што велат, имаат сериозни забелешки. Бараат корекции во насока на почитување на меѓународните стандарди за решавање на вакви проблеми. Решението треба да биде системско и одржливо за да не дојдеме во ситуација со решавање на ова прашање да отвораме други прашања, велат од СДСМ.
Пред пописот во април, до државјанство што побрзо и со сведоци
Во соопштението на СДСМ се наведува дека ќе разговараат со предлагачот и со другите пратенички групи, и како што наведуваат, преку амандмани ќе се направат измени, за да се дојде со соодветно решение.
Измените на текстот на Законот за државјанство влегуваат во скратена процедура во Собранието бидејќи се работи за долгогодишен проблем за државата, се наведува во соопштението на СДСМ.
Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесоа измени на Законот за државјанство според кои со тројца сведоци многу граѓани во земјата би се стекнале со македонско државјанство.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува веќе в понеделник МВР да излезе со став во однос на Предлог-законот за државјанство предложен од пратеници во Собранието. Се уште се прават проценки за тоа колку граѓани би требало да добијат државјанство со ваквите измени на законот.