МВР заплени над пола тон марихуана во две акции
Полицијата запленила околу 500 килограми марихуана и привела три лица, откако вчера во две оддели акции на југот од земјата се пресечени канали за меѓународен транспорт на дрога, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Со една од акциите е пресечен меѓународен канал за транспорт на марихуана од Косово преку Северна Македонија и Грција за Турција. Во оваа акција се запленети најмалку 424 килограми марихуана и е приведено едно лице од Скопје на возраст од 47 години.
„Запленетата марихуана на нарко-пазарот во Турција се проценува дека би достигнала цена од над милион евра, соопшти денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Како легалната марихуана заврши во рацете на криминалците?
На граничниот премин Богородица била запленета дрогата во камион со скопски регистарски таблички регистриран на правно лице. Во приколката на камионот меѓу отпадната хартија што легално се пренесувала имало пакети дрога.
Во друга акција, пак, во близина на границата со Грција е пресечен канал за транспорт на дрога од нашата земја во Грција и запленети се околу 93 килограми марихуана. За овој случај приведени се двајца луѓе на возраст од 24 и 28 години.
Во врска со истрагата, постапува и полицијата на Грција со цел расчистување на случајот со овој канал за трговија со наркотици, посочи Ангеловски.