Папата ги посети деловите од Ирак што беа под контрола на Исламската држава
Папата Франциск се помоли за ирачките воени жртви пред векови старата црква во градот Мосул во северен Ирак, каде што милитантите на Исламската држава ја опустошија една од најстарите христијански заедници пред поразот на оваа џихадистичка организација пред три години.
Верниците денеска се собраа во дворот на црквата Ал-Тахера, една од најстарите од најмалку 14 цркви во провинцијата Нинива, кои беа уништени од Исламската држава.
Папата се сретна со Големиот Ајатолах Али ал-Систани
Папата, кој има 84 години, ги замоли христијаните во Ирак и на Блискиот Исток, да останат во своите татковини, велејќи дека „трагичниот“ егзодус на христијаните прави огромна штета „не само врз засегнатите поединци и заедници, туку и врз општеството кое го напуштаат“.
За Ватикан, континуираното присуство на христијани во Ирак е од витално значење за одржување во живот на верските заедници кои постојат таму уште од времето на Исус Христос.
Нападите од Исламската држава, која го окупираше Мосул од 2014 до 2017 година, принуди стотици илјади христијани од северен Ирак да избегаат.
Папата денеска слета на аеродромот во регионалната курдската престолнина Ербил, на последниот ден од неговата историска четиридневна посета на Ирак. Тој одржа куса средба со регионалниот претседател Нечирван Барзани и неговиот братучед, премиерот Масрур Барзани.
Папата требаше да ја посети најголемата црква во Ирак, која беше делумно уништена од Исламската држава во блискиот Каракош, каде што христијаните се вратија по поразот на џихадистите. Тој ја заврши посетата со миса на стадионот во Ербил, каде што се очекуваа 10 илјади присутни.
Папата вчера се сретна со еден од највисоките шиитски свештеници, Големиот ајатолах Али ал-Систани во светиот град Наџаф, од каде што испратија пораки за мирен соживот меѓу христијанското малцинство и муслиманите.
Ова е прва посета на еден папа на Ирак.
Ирачките христијани, меѓу кои православни, халдејски католици и други, некогаш претставуваа значително малцинство во Ирак, а нивната бројка се проценуваше на околу 1,4 милиони луѓе, но тој број почна да опаѓа по американската инвазија од 2003 година, кога во повоените превирања сунитските милиции често ги напаѓаа христијаните.