Состаноци на министрите за надворешни работи и за одбрана на НАТО
Состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи и состанок на Северноатлантски совет на ниво на министри за одбрана денеска ќе се одржат преку телекомуникациска врска. На
состаноците ќе претседава генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Тој на вчерашната прес конференција запрашан за новите руски воени формации и единици изјави дека НАТО ќе го продолжи дијалогот со Москва. Руската армија годинава, како што изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, ќе формира 20 нови единици на западот на земјата со цел да се спротивстави на, според неговата проценка, растечката закана од НАТО.
НАТО го осуди апсењето на новинар во Белорусија по пренасочување на патнички авион
Столтенберг исто така изјави дека на персоналот во дипломатската мисија на Белорусија во НАТО ќе им биде ограничен пристапот во седиштето на алијансата поради присилното слетување на патнички авион од Минск. Белорусија не е членка на НАТО, но има врски со воениот сојуз од 1992 година по падот на Советскиот Сојуз, и одржува дипломатска мисија во НАТО од 1998 година. Белорускиот персонал може да присуствува на семинари и состаноци во НАТО и во земјите на НАТО, како дел од партнерството за соработка што се занимава со прашања како што се контролата на оружјето и военото образование. Принудното слетување на летот на Рајанер од Атина до Вилнус на почетокот на овој месец од страна на Белорусија за апсење на дисидент новинар предизвика бес на Западот.