Пристигна првата пратка вакцини „Синовак“
Првата пратка од 250 илјади кинески вакцини „Синовак“ пристигна на аеродромот во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил ја објави веста, а попладне се очекува да пристигнат и останатите количини.
„Првиот авион од вкупната пратка од 500.000 дози вакцини, што ги купивме од производителот Синовак слета утрово на скопскиот аеродром. Во текот на претпладневните часови се очекува да пристигнат и останатите количини. Благодарност до Народна Република Кина за заложбите да ја добиеме оваа поголема количина на вакцини и за точноста во испораката на истите“, напиша Филипче на Фејсбук.
Пристигнуваат 500 илјади вакцини „Синовак“
Со 500-те илјади вакцини од „Синовак“ и со 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави дека до 15 јули ќе бидат вакцинирани сите граѓани кои се пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk, а досега не добиле термин.