Прогласен за ден на жалост за жртвите од земјотресот во Турција и Сирија
Владата донесе одлука со којашто утрешниот ден, 13-ти февруари, понеделник, е прогласен за Ден на жалост на Република Северна Македонија.
„Одлуката е донесена како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Република Турција и во Арапската Република Сирија, на 6-ти февруари 2023 година“, информира владината прес-служба.
За време на утрешниот Ден на жалост, знамето на Република Северна Македонија, ќе биде истакнато на половина копје, во државата и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, беше регистриран рано изутрината на 6 февруари во близина на Газиантеп, Турција, во кој беше погодена и Сирија, а истиот ден попладнето се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени.
По првиот земјотрес во понеделникот, наводно имало 1.891 последователни потреси.
Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес што во неделата ги погоди Турција и Сирија се искачи на 33.000, а Обединетите нации предупредуваат дека конечниот биланс може да се удвои.
Официјални лица и медицински лица соопштија дека 29.605 луѓе загинале во Турција и 3.574 во Сирија од земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтер во понеделникот, со што вкупниот број потврдени до недела попладне достигна 33.179.