Меси прогласен за најдобар играч благодарејќи на играта во Катар
На напаѓачот на Пари Сен Жермен, Лионел Меси ноќеска во Париз му беше доделена наградата „The Best“ од ФИФА. Коментирајќи ја наградата за најдобар играч на годината во изборот на ФИФА, тој рече дека тоа е чест за него.
„Сакам да ги пофалам Бензема и Мбапе за прекрасната година. Благодарен сум на моите партнери. Скалони и Емилијано се исто така овде денес и го претставуваме целиот тим. Оваа награда оди за целиот тим за она што го направивме во Катар. Беше луда година, успеав да си го исполнам сонот после толку години борба за него, толку години стремеж кон него. Секој фудбалер сонува за ова, но ретко кој успева да го постигне. Сакам да им се заблагодарам на моето семејство, на сите Аргентинци за начинот на кој го поминаа тој посебен месец, кој засекогаш ќе остане во нашето сеќавање. Испраќам бакнеж до моите деца кои сега ја гледаат оваа церемонија. Време е за спиење“, изјави Меси.
На листата на топ 3 номинирани за оваа награда беа и Килијан Мбапе (ПСЖ, Франција) и Карим Бензема (Реал Мадрид, Франција).
Триесет и петгодишниот Меси ѝ помогна на Аргентина да ги освои златните медали на Светското првенство во фудбал во 2022 година во Катар. На седум натпревари на светското првенство напаѓачот постигна седум гола и три асистенции.