Во февруари догодина ќе биде објавен следниот повик на Владата за општините
За општините, олеснувања се и донесените измени на законот за градежно земјиште со што ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии при изградба на училишта и градинки.
„Донесовме закон во парламентот, измени во законот за градежно земјиште каде што сите оние јавни објекти како што се градинки, училишта кои се сопственост на државата ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии. Имаше случаи во Скопје, градот Скопје, знаете таму состојбата каква е да го издолжува периодот, да не ги ослободува општините во Скопје од комуналии, па тие не може да отпочнат со градба на градинки, училишта итн. и сега со овој закон и таа пречка е отстранета“, изјави премиерот.
Со донесените измени, посочи претседателот на Владата, очекува да се градат градинки, училишта и да се воведе едносменско учење што е дополнителна вредност и за родителите и за учениците.
Премиерот смета дека едносменското учење во основните училишта, што е владина определба, ќе овозможи поголема сигурност за родителите и е добра можност за учениците да стекнат нови пријателства, да другаруваат и да разменуваат знаења.
„Тоа значи ќе мора да има градежни интервенции во некои училишта каде има двосменско работење во некои од општините, не во сите и сега ако сè уште ние бевме заложници на однесувањето на Градот Скопје и на поединци таму, тогаш ќе требаше оваа политика којашто е додадена вредност за родителите и за децата да почека. Но, еве и тоа се надмина и мислам дека добро одат работите“, изјави премиерот Мицкоски.
За претходниот повик дел од општините требаше да достават дополнителни документи, за што информациите треба да ги обезбеди Министерството за локална самоуправа.
На првиот повик, четири општини не добија пари од кредитот, бидејќи задоцниле со документите. За нив рокот за достава на документацијата беше продолжен до 15 ноември.
Општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит веќе ги потпишаа договорите. Вкупно се потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот.