Српската листа ќе се жали на одлуката ка косовската изборна комисија да не учествува на изборите
На прес-конференција во Северна Митровица, Елек оцени дека со оваа одлука на Централната изборна комисија косовскиот премиер Албин Курти сакал да ги „елиминира“ од изборната битка.
„Ова е институционално и законско насилство врз српскиот народ, врз Српската листа, бидејќи Курти не сака да ги види пратениците на Српската листа во косовскиот парламент, туку сака Србите да бидат послушни во тој парламент“, рече Елек.
Елек рече и дека е горд што во видеото на кое Српската листа ги претставува своите кандидати за пратеници наместо „Да живее Косово“ кажал „Да живее Србија“.
Денеска ви кажувам дека сум горд што сум Србин, што ги кажав тие зборови и цврсто стојам зад тие зборови“, додаде Елек.
Тој посочи и дека терминот Косово и Метохија го користат и лидерите на другите српски политички партии, но дека само Српската листа е критикувана бидејќи е „трн во око на Курти“.
Централната изборна комисија во понеделник (23 декември) не ја завери Српската листа за учество на парламентарните избори на 9 февруари, бидејќи се спротивставија двајца членови на ЦИК кои се од владејачката партија, движењето Самоопределување - Сами Куртеши и Албан Красниќи.
Куртеши образложувајќи ја оваа одлука рече дека Српската листа не го признава Косово како држава и дека редовно го користи терминот Косово и Метохија.
Ваквата одлука е донесена и покрај тоа што Управата за регистрација и потврда на политички субјекти препорача верификација на Српската листа за учество на изборите на 9 февруари.
Српската листа е најголемата партија на косовските Срби и има поддршка од Белград.
Куртеши упати низа критики за Српската листа кога е во прашање односот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и нивниот поранешен потпретседател на партијата, Милан Радоичиќ, кој поднесе оставка кога ја презеде одговорноста за вооружениот напад во Бањска. Во тој напад во септември минатата година, кој Косово го окарактеризира како терористички, беше убиен еден полицаец.
Куртеши подвлече дека Српската листа никогаш не се оградила од овој напад, ниту пак го осудила.
Во меѓувреме, меѓународната заедница изрази загриженост дека процесот на сертификација на политичките субјекти е „политички мотивиран“ и ја повика Српска листа да го искористи своето право и да се обрати до Изборниот совет за приговори и жалби.
Амбасадата на САД во Приштина оцени дека „е неопходно гласачите, а не политичките тела да одлучуваат кој ги застапува“.
Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде, рече дека е неопходна еднаква примена на законот за сите и дека процесот на сертификација не треба да се политизира.
Слични реакции испратија и Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ.
Невладините организации кои ги следат изборните процеси посочија дека Централната изборна комисија донела одлука „спротивна на законот и другите важечки прописи“.