Граѓани протестираат против владејачката партија во Белград
Околу стотина граѓани се собраа на 23 март во близина на пазарот Калениќ во Белград на протест против активистите на владејачката Српска напредна партија (СНС) кои поставија партиски штандови.
Како што јави новинарот на Радио Слободна Европа (РСЕ) од местото на настанот, граѓаните скандираат „Крадци, крадци“ и прават врева со свирежи и вувузели.
Досега немало никакви инциденти.
Меѓу активистите на СНС е и Горан Караџиќ, поранешен кошаркар на Сојузна Република Југославија. Тој се појави обвиен во српското национално знаме, со кренати три прста.
Граѓаните протестираа и во белградската општина Звездара, каде што активисти на СНС поставија и партиски штандови. Трибините беа поставени на аголот од улиците Вељко Дугошевица и Ѕвездарских Јелки, а меѓу двете групи беше поставен полициски кордон.
Како што јавува теле визијата N1, во еден момент дошло до физички контакт, кога еден од насобраните граѓани турнал активист на СНС, но немало поголеми инциденти.
Граѓаните свират и меѓу другото скандираат „Ѕвездара не те сака“ и „Спакувај се“.
Како што јави N1, во 11:52 часот граѓаните со 16-минутен молк им оддадоа почит на жртвите од уривањето на настрешницата во Нови Сад.
Од новосадската трагедија на Железничката станица на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено, ширум Србија се одржуваат масовни студентски и граѓански протести на кои се бара кривична и политичка одговорност.
Студентите блокираа повеќе од 60 факултети низ земјата од крајот на ноември, а организираа и неколку масовни протести. На 15 март, на повик на академици, во Белград се одржа еден од најмасовните протести во последните неколку децении.
Граѓаните, сепак, се собираат и во помалите градови, каде протестираат пред зградите на локалната самоуправа или пред седиштето на владејачката Српска напредна партија. Во Ниш, Обреновац и Краљево локалните функционери беа гаѓани со јајца.