Проверка на лиценците двапати годишно, Владата усвои предлози за законски измени и дополнувања
Владата денеска (25 март)усвои предлози за измени и дополнувања на седум закони во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Со нив, ќе се воведе обврска двапати годишно да се врши проверка на сите иматели на лиценци.
Имајќи ги предвид последните трагични случувања, како што посочуваат од Владата, целта е вршење почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија односно овластувања.
„Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон“, соопшти владината прес-служба.
Дополнително, како што се посочува во соопштението, законските измени предвидуваат за следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш.
Вицепремиерот Александар Николоски претходно информираше дека од досега исконтролираните над 3 100 лиценци во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање, кај 479 е констатирано неправилно работење поради што ќе бидат одземени од правните лица.
„Целта не е да казнуваме, туку компаниите кои доброволно се согласиле на условите што ги предвидува законот, да ги исполнуваат. Феноменот е дека во моментот на поднесување на барањето ги исполнуваат условите, а потоа престануваат да ги исполнуваaт тие услови“, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој најави дека листа ќе биде доставена до соодветните институции за натамошно постапување и оти со законски измени таквите контроли ќе бидат обврзувачки на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа.