Дебата за Законот за медиуми: Регистрација без услов за вработени
Регистрацијата на онлајн медиумите не треба да биде условена со бројот на вработени, туку да се фокусира на транспарентноста на сопственоста, импресумот и регистриран мкд домејн.
Ова беше ставот на повеќето учесници на панел-дискусијата организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за предложените измени на Законот за медиуми.
Според учесниците, построгите критериуми, како број на вработени, треба да важат само ако медиумите аплицираат за државни субвенции или кампањски средства.
Некои од нив, сепак, сметаат дека интернет порталите треба да имаат барем еден или двајца вработени, бидејќи функционираат како деловни субјекти во медиумската сфера.
Претставникот на Министерството за дигитална трансформација, Мишко Талевски, нагласи дека предложените измени не се финални и дека ќе бидат земени предвид забелешките изнесени на дискусијата.
Според него, измените се иницијатива на здружението „Онлајн медиа мк“ и предвидуваат медиумите да исполнуваат одредени критериуми за да бидат евидентирани во регистарот.
ССНМ се залага за целосно нов закон за медиуми, усогласен со европската регулатива. Според нив, сегашните критериуми се закана за локалните и специјализираните медиуми, за кои велат дека иако се мали, креираат важни содржини од јавен интерес.
ССНМ останува на ставот дека треба да има комплетно нов закон за медиуми, усогласен со европската регулатива и со европскиот акт за слобода на медиумите.
„Ваквото решение, со овие критериуми кои се ставени во Предлог-законот што сега е во Собрание, е сериозна закана за локалните медиуми, особено за професионалните локални медиуми. Треба да се направи измена и да се намали критериумот за локалните медиуми, специјализираните медиуми и медиумите на заедниците кои, иако се мали, креираат важни содржини“, рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, предупреди дека постои злоупотреба на јавните средства преку онлајн медиумите поврзани со политички партии.
Според него, професионалните медиуми, особено локалните, се соочуваат со финансиски потешкотии, додека политичките структури ја користат медиумската сфера за свои интереси.
Измените на Законот за медиуми веќе се во собраниска процедура и останува да се види дали во нив ќе бидат вградени барањата на новинарските здруженија.