Мицкоски и Филипче утре на средба во Владата
Премиерот, Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче утре во 14 часот ќе имаат средба во Владата.
-Согласно јавната комуникација и упатените иницијативи и демонстрираната подготвеност од двете страни, за утре во 14 часот е закажана средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче – соопшти попладнево владината прес служба.
Во изјава за медиумите во Штип, Мицкоски искажа подготвеност за средба со Филипче, кој денеска повика на политички и општествен дијалог.
Филипче на прес-конференција рече дека по трагедијата во Кочани граѓаните реагираа со револт и бес, системот не функционира како што треба, а за тоа вина, како што посочи, имаат сите политички партии.
Областите каде што треба системски пристап, според Филипче се - образование, здравство, правосудство, животна средина, партизација и политизација.
По неговата денешна прес конференција, од Движењето ЗНАМ реагира преку писмено соопштение во кое обвинија дека „СДСМ и Филипче немаат политички кредибилитет, ниту легитимитет да нудат какви било концепти за Македонија овој момен.
- Оттука, Венко Филипче и СДСМ не можат да бидат решение на проблемите, бидејќи покажаа дека тие се проблем за секое решение, наведуваат од ЗНАМ.
-Дали самопрогласениот лидер на опозицијата со ова бара начин да се факторизира како политички фактор во јавноста и да седне на преговарачка маса, имајќи ја в предвид очајната состојба на неговата партија – се наведува во реакцијата на ЗНАМ.
Во меѓувреме, прашан за повикот на Филипче за средба, премиерот Мицкоски кажа дека ова е сериозна тема за која се разговара.
„Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време ќе го прераспределам мојот распоред, на полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши“, изјави Мицкоски.
ДУИ: Јавноста е згрозена од јавниот флерт на Мицкоски и Филипче
По најавата за средба, ДУИ во писмено соопштение изрази силна загриженост, поради како што велат од партијата, „сѐ понагласената моноетничка доминација која Власта ја демонстрираше во првата година од своето владеење“.
-Сега веќе на јавна сцена ја вклучува и етничката македонска опозиција во својата намера. Јавноста е просто згрозена од овој јавен флерт на Мицкоски и Филипче, за полноќни средби во политички интимна атмосфера на која ништо помалку туку ќе се крои планот за нов општествен договор за регулација на идните политички текови – велат од ДУИ.
Според партијата, Република Северна Македонија претставува „препознатлив модел на функционална мултиетничка демократија со јасно изразена евроатлантска ориентација“.
Основниот модел на мултиетничкиот карактер на земјата е системски загрозен, а загрозен а и интегративниот процес на земјата во Европската унија. Тоа се две клучни стратешки основи кои што сериозно ја загрозуваат долгорочната стабилност и просперитет на земјата, и тоа се двата приоритети за кои треба да се отвори суштински политички дијалог – додаваат од ДУИ.
Азири: Мицкоски ќе се сретне со претседателот на најголемиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче
Реакција пристигна и од потпретседалот на Алијанса за Албанците, Елми Азири:
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се сретне со претседателот на најголемиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче! Откако беше избран за претседател на СДСМ, првата средба му беше со претседателката на државата, г-ѓа Силјановска-Давкова! Последниов веќе неколку години од ВМРО го нарекуваат министер за смрт! Оваа моноетничка средба е практична имплементација на платформата Македонија повторно твоја“, вели Азири.