Мицкоски по повикот на Филипче: На располагање сум во секое време за средба
Премиерот, Христијан Мицкоски вели дека е подготвен на средба со лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче доколку, како што изјави денеска, навистина има план и желба да помогне.
По денешниот повик од Филипче за политички и општествен дијалог Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека стои на располагање во секое време и ќе го усогласи распоредот за да го слушне планот на Филипче и да се види дали во тој план може нешто да се реши.
„За мене е малку непристојно да разговараме преку медиуми, реков доколку има план како што најавија, подготвен сум да го примам на средба пртседателот на СДСМ да го образложи планот, да го слушнеме планот бидејќи се сериозни времиња, јас сум сериозен човек, сериозни работи се во прашање и најмалку што треба да се прави е естрада на јавна сцена“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека доколку Филипче навистина има план и желба да помогне, тој стои на располагање во секое време ќе го прераспредели својот распоред.
„На полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши. Но, доколку планот опфаќа пристап „Стабри“, како што беше во минатото за време на короната тогаш такви планови не можам да прифатам“, посочи Мицкоски за повикот од Филипче и дали ќе има лидерска средба со останатите претставници на партиите.
Прашан дали ќе имаат заеднички став со СДСМ околу изборот на в.д градоначалник на Кочани за да нема криза во градот по трагедијата со пожарот и оставката на градоначалникот Љупчо Папазов, рече не разговарале со советниците за потецијалнот кандидат, но оти апсолутно ќе се избере в.д градоначалник и оти тука нема дилема.
Претходно, лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека уште денеска или утре (2 и 3 април) ќе побара состанок со премиерот за да се организира таа средба.
Нагласи дека треба да се изготви стратегија во која ќе се влучат сите, во форма на политички дијалог, врз основа на која државата ќе функционира во следните децении, многу повеќе од мандат на која било влада и која било партија или коалиција да ја води таа влада.