„Науката (за)стана“: Протести во Белград и Нови Сад
Вработени во научноистражувачката дејност денеска (2 април) организираа протести во Белград и Нови Сад на повик на српскиот Синдикат на науката во знак на поддршка на студентите во блокада.
Протестите беа организирани под слоганот „Науката (за)стана“.
Претставници на Синдикатот на науката и на Мрежата на академска солидарност заедно со група граѓани и студенти се собраа пред платото кај Филозофскиот факултет во Белград.
Луѓето на собирот носеа транспаренти на кои меѓу другото пишуваше „Науката ви мавта со дипломите, нашите се вистински, а какви се вашите“ и „За враќање на академското достоинство“.
Претставник на неформалната организација Мрежа на академската солидарност, Оливер Тошковиќ, рече дека владата „живее во свет во кој позицијата е пред аргументот".
„Факт е дека оваа влада е подготвена да ја уништи и деформира научната активност во оваа земја само за да ни се одмазди лично и да нѐ понижи", рече Тошковиќ.
Собраните со 16-минутно молчење им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата во Нови Сад. По молкот, тие се движеа низ централните улици на Белград до зградата на Владата на Србија.
Во Србија, десетици илјади граѓани со месеци излегуваат на улиците со клучно барање да се утврди кривичната и политичката одговорност за несреќата во Нови Сад, во која 15 лица загинаа при пад на настрешницата на главната железничка станица во градот, додека шеснаесеттата жртва им подлегна на повредите повеќе од два месеци подоцна.
Во фокусот на протестите се обвинувањата дека корупцијата довела до паѓање на настрешницата. Претставниците на властите ги отфрлија овие обвинувања.