Стапија во сила царините на Трамп продлабочувајќи ја трговската војна
Новите опсежни царини за производи увезени од Соединетите Држави стапија на сила на 9 април според новата трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, за која тој рече дека има за цел да го ревитализира американското производство.
Повисоките увозни даночни стапки за десетици земји и територии вклучуваат огромни царини од 104 отсто за кинески стоки и 20 отсто за производи од Европската Унија.
Новите царини доаѓаат по основната царина од 10 отсто која стапи на сила на 5 април.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, рече дека Трамп не размислувал за продолжување или одложување на зголемувањето на царините.
„Тој очекува овие царини да стапат на сила“, рече Левит на 8 април, неколку часа пред да стапи во сила нивното спроведување.
Самиот претседател даде различни сигнали за тоа дали царините ќе останат во сила.
Иако ги опиша како „постојани“, тој рече дека претставниците на целните земји се на пат за Вашингтон за да преговараат за билатерални трговски договори.
„Имаме многу земји кои доаѓаат и сакаат да склучат договори“, рече тој во Белата куќа на 8 април.
Подоцна додаде дека очекува и Кина да бара договор.
Пекинг одлучи да воведе царини од 34 отсто на американските производи. Кинескиот премиер, Ли Кечијанг изјави дека неговата земја има доволно „алатки" за да ги надмине економските турбуленции предизвикани од трговската војна на САД.
Првични реакции од Кина
Денеска почнаа да пристигнуваат и првите официјални реакции од Кина.
„САД продолжуваат да ги злоупотребуваат царините за да вршат притисок врз Кина. Кина одлучно се спротивставува на тоа и никогаш нема да го прифати овој облик на насилничко однесување“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан на денешната прес-конференција (9 април).
Тој додаде дека ако САД навистина сакаат да ги решат проблемите преку дијалог и преговори, треба да заземат „став на еднаквост, почитување и взаемна корист“.
„Кина ќе продолжи да презема решителни и ефективни мерки за заштита на своите права и интереси“, истакна Лин.
Во меѓувреме, администрацијата на Трамп закажа разговори со претставници на Јужна Кореја и Јапонија, два блиски сојузници и големи трговски партнери. Италијанската премиерка Џорџа Мелони трба да дојде во посета следната недела.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е меѓу оние кои нудат реципрочни намалувања на тарифите, но исто така предупреди дека контрамерките сè уште се опција.
Трамп ги објави тарифите на 2 април, нарекувајќи го „Денот на ослободувањето на Америка“ и рече дека ќе биде запаметен „како денот кога американската индустрија повторно се роди, денот кога американската судбина беше повратена и денот кога почнавме да ја правиме Америка повторно богата“.
Кога ги објави царините, Трамп изрази остри приговори и кажа дека Соединетите Држави биле малтретирани од „пријатели и непријатели“ во трговијата со децении, создавајќи огромен трговски дисбаланс.
Берзите ширум светот паднаа поради воведувањето царини, за кои економистите предупредуваат дека ќе ги зголемат цените на стоките што американските потрошувачи ги купуваат секој ден - особено кога новите царини се надоврзуваат на некои претходни трговски мерки.
Целните земји, исто така, веројатно ќе возвратат.
Кина веќе возврати, објавувајќи царина од 34 отсто за сите американски производи.
Тоа беше пред Трамп да објави дека Соединетите Држави ќе воведат царина од 104 отсто за кинески производи почнувајќи од 10 април.
Кинеското Министерство за трговија ја нарече заканата на Трамп за ескалација на царините „грешка по грешка“ што „уште еднаш ја разоткрива уценувачката природа на САД“.
Покрај царините за Кина, Трамп воведе голема царина од 25 отсто за увоз на автомобили почнувајќи од 3 април, главно насочени кон автомобилите произведени во Мексико и Канада за да ги притиснат да преземат чекори за контрола на имиграцијата и трговијата со дрога.
Овие давачки се однесуваат на возилата кои се увезуваат како готови производи, но ќе бидат проширени на соодветните автоделови во наредните недели.
Канада одговори со царина од 25 отсто за увоз на автомобили од Соединетите Држави кои не се во согласност со Договорот САД-Мексико-Канада. Тие царини, исто така, треба да стапат на сила на 9 април.
Мета беа и челикот и алуминиумот. И двата метали сега се оптоварени со данок од 25 отсто според проширените царини кои стапија во сила минатиот месец.