Пандов: Околу илјада телефони најдени кај затвореници за девет месеци
Околу илјада телефони се пронајдени кај затвореници во земјава за период од девет месеци, кажа Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, на прес-конференција на 9 април.
За споредба, Пандов рече дека во затворите во Хрватска во 2023 година се најдени само 26 мобилни телефони, а кај затвореници во Косово се откриени 51 телефон во 2024 година.
Тој смета дека проблемот со телефоните, дрогата и останати недозволени работи по затворите може да се реши, но само доколку има казнивост за корумпираните затворски полицајци, кои според негови проценки, во некои затвори се и над 50 отсто.
„Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Се додека ги имаме нив и додека тие сметаат дека неказниво може да поминуваат, ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети“, рече Пандов.
Тој информираше и дека Управата за извршување санкции поднела кривични пријави против затворски полицајци во Штип, осомничени дека му помагале на затвореник да најде дрога што била префрлена во дворот на затворот.
Настанот се случил на 20 февруари, а според Пандов, во тоа учествувале командирот на смена, петмина затворски полицајци кои помагале во барањето на дрогата и уште еден кој бил дежурен на капија таа вечер, како и тројца членови на Комисијата, која потоа донела одлука дека тие не се виновни за инцидентот.