Владата го повлече буџетот поради кој Бугарите масовно излегоа на протести
Советот на министри на Бугарија го повлече буџетот за 2026 година на 2 декември, по ескалацијата на масовните протести во земјата, поради буџетот со кој се предвидува приватниот сектор да плаќа повеќе даноци и придонеси за социјално осигурување, а државата да добие повеќе пари.
Оставка на владата и предвремени избори побара претседателот Румен Радев, вечерта на 1 декември откако протестите во Софија ескалираа.
Властите информираа за најмалку 10 приведени, како и за двајца повредени полицajци.
Причина за незадоволството што трае со денови беше нацрт-буџетот за 2026 година и обидот на претставниците на владејачките партии ГЕРБ, БСП, ИТН и „ДПС-Нов почеток“ да го задржат, иако претходно рекоа дека ќе го повлечат.
Демонстрантите бараат буџетот да биде повлечен, бидејќи значително ги зголемува платите на државната администрација, Министерството за внатрешни работи, армијата и правосудството, а истовремено го оптоварува приватниот сектор со повисоки придонеси за социјално осигурување и двоен данок на дивиденди.
Во соопштението на владината прес-служба испратено до медиумите на 2 декември се наведува дека кабинетот му предложил на Народното собрание да донесе одлука за повлекување на Законот за државен буџет за 2026 година.
Со истата одлука се повлекуваат и нацрт-законите за буџетите на Националниот фонд за здравствено осигурување и државното социјално осигурување.
Владината одлука веќе е испратена до Народното собрание. По одлуката на парламентот, кабинетот ќе започне нова буџетска постапка, наведе прес-службата.
Освен во главниот град на Бугарија, протести против буџетот имаше и во други градови низ земјата. Тие се одвиваа мирно и без ескалација.
Меѓутоа, во Софија незадоволството прерасна во барање за оставка на владата и беше особено насочено против лидерите на ДПС-Нов почеток и ГЕРБ – Делјан Пеевски и Бојко Борисов.
Во Софија протестот беше најголем. Според наводите на медиумите што Радио Слободна Европа не можеше да ги потврди, на протестот имало од 30.000 до 100.000 луѓе. Ова несомнено беше еден од најголемите протести од 1989 година и најголемиот во последната деценија.
Луѓето го блокираа просторот пред поранешниот Партиски дом, каде што сега се наоѓа Народното собрание. Скандираа „Мафија“, „Оставка“ и носеа плакати насочени против Пеевски и Борисов.
Подоцна поворката се упати кон седиштата на партиите ГЕРБ и ДПС – Нов почеток.
Протести надвор од Софија
И надвор од главниот град беа забележани илјадници демонстранти.
Во Пловдив, илјадници луѓе се собраа на плоштадот, а подоцна ги блокираа клучните булевари во градот за време на поворката.
Протестот во Варна исто така собра илјадници луѓе. Таму граѓаните исто така побараа оставка од владејачката партија и повлекување на нацрт-буџетот.
Масовни протести со повици „Оставка“ и „Мафија надвор“ се одржаа и во Бургас, Плевен, Велико Трново, Стара Загора, Благоевград, Сливен, Јамбол, Добрич, Гоце Делчев и други места.
Вакви масовни и истовремени протести во градови надвор од Софија не биле одржани од 2020 година, кога граѓаните ја бараа оставката на последната влада со премиер, Бојко Борисов и тогашниот главен обвинител, Иван Гешев.
Истот ден, градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, се врати во општината на својот прв работен ден по неколку месеци поминати во притвор.
Првпат јавно ги потврди наводите дека пред апсењето, од него било барано да премине во друга партија. Подоцна истиот ден, тој им се придружи на протестите на своите сограѓани кои бараа оставка на владата.
Истот ден, Европското јавно обвинителство поднесе тужба против претходникот на Коцев на местото градоначалник на Варна, Иван Портних од ГЕРБ.
Тој е обвинет за измама со средства од ЕУ во вредност од 3,4 милиони евра.
Извор: Бугарска редакција на Радио Слободна Европа