Обвинетите за пожарот во „Пулс“ не се чувствуваат виновни
Сите 35 обвинети физички лица и претставниците на трите фирми за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.
На денешното рочиште, многумина од нив изразија сочувство кон семејствата на загинатите и посакаа брзо оздравување на повредените.
Првообвинетиот и сопственик на „Пулс“, Дејан Јованов рече дека го разбира обвинението што му се става на товар и дека не се чувствува виновен.
„Јас како човек и како родител, каде што се собираа сите млади и моите деца да бидам способен да дозволам да фали нешто. Зарем сериозно мислите дека доколку би знаел дека фали нешто, не би презел се за да се отклони навреме. Во тој клуб, на тоа место има пораснато десетини генерации. Сите што ме познаваат добро знаат колку и како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот. Од срце и од душа сакам да изразам сочувство на сите фамилии што имаат починати а на повредените опоравување“, рече Јованов.
На претходното рочиште, семејства на оштетените од пожарот се приклучија на кривичниот прогон кон обвинетите. Законските застапници на дел од семејствата кажаа дека се приклучуваат на кривичниот прогон, додека оштета ќе бараат да им се исплати преку граѓанска судска постапка.
На првото рочиште на 19 ноември, судот одлучи да се спојат судските постапки за два предмети за пожарот во „Пулс“. Кон првичниот со 34 обвинети лица и три фирми, беше додаден и процесот против газдата на агенцијата „Рубикон“ која била задолжена за обезбедување на дискотеката.
Тогаш обвинителството направи промена поднесувајќи интегрален обвинителен акт и ревидирана листа на докази.
Воведните зборови ги даде кочанскиот обвинител Борче Јанев, кој рече дека „катастрофата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани не настана само од пропусти на една човечка рака“. Овој настан, како што рече, не е несреќа или случајна игра на судбината туку „се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања“.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на роднини на жртвите, обвинителството и јавноста.
Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а 200 беа повредени почна по осум месеци од трагедијата. Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив се поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.