Казните од по 50 илјади евра за картелско здружување на маркети се фарса
По речиси една година истрага, Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) ги казни четирите големи маркети и Сојузот на стопански комори за кои уште во февруари отвори истрага за договарање на цени зад затворени врати.
КЗК соопшти дека одлучила да ги казни маркетите по 50 илјади евра, а Сојузот на стопански комори со 18,6 илјади евра „поради забрането договарање и усогласено однесување во однос на цените“.
Кога КЗК ја започна истрагата во февруари годинава, во јавноста тогаш беа објавени документи на институцијата кои покажуваат дека за марекетите Веро, Тинекс, КАМ и Рептил постоеле сомнежи дека заедно со Сојузот на стопанските комори склучиле забранет договор за влијание врз цените, што претставува нарушување на конкуренцијата.
Според соопштението на Комисијата од 26 ноември во кое се објавуваат казните, се вели дека во постапката било утврдено дека на состанок од 5 февруари 2025 година учесниците постигнале усогласен став да не прифаќаат нови или зголемени ценовници од добавувачите.
Со тоа, велат од Комисијата, независното пазарно однесување било заменето со практична координација – дејствие што претставува „by object“ ограничување на конкуренцијата кое е строго забрането со Законот за заштита на конкуренцијата.
„Глобите се изречени со цел превенција на идни нарушувања и заштита на слободната пазарна конкуренција“, се наведува во соопштението на КЗК.
КЗК во соопштението вели дека маркетите и Сојузот на стопански комори како координатор, учествувале во забранет договор и/или усогласено однесување во смисла на Член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Членот 59 од Законот за заштита на конкуренцијта меѓу другото вели дека за ваков прекршок прекршителите можат да се соочат со казни од 10 проценти од нивниот годишен приход, што во случајот за маркетите би значело глоби од десетици милиони евра.
Радио Слободна Европа побара одговор од Комисијата за заштита на конкуренцијата - врз основа на кои аргументи се изречени казните од 50 илјади евра за маркетите и 18,6 на ССКМ и зошто постапката траеше скоро една година, но до објавување на текстот не добивме одговор на телефонските повици, ниту на прашањата испратени преку е-пошта.
Јовановиќ - Казните се „мачкање очи“
Според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена, овие казни не се соодветни да спречат идни злоупотреби со цените.
„Секако дека не. Што се 50 илјади евра за ланци кои имаат годишни профити од неколку милиони евра. Тоа е како цените да им ги намалиш за 1 отсто. Ова е мачкање очи, божем прават нешто државните институции, а всушност ништо не прават“, вели Јовановиќ.
Дека во меѓувреме цените континуирано растат покажуваат и најновите податоци на Синдикалната минимална кошничка на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), која за октомври изнесува 65.544 денари и е зголемена за 7 отсто во однос на истиот месец лани.
Граѓаните го чувствуваат поскапувањето
Пензионерката Љупка Т. ја сретнавме пред еден од големите ланци маркети во центарот на Скопје и ни раскажа дека само во претходните неколку месеци, од летото наваму, навистина чувствува дека троши се повеќе пари од домашниот буџет.
Како пример наведува дека цената на јајцата во тој период во дел од големите маркети скокнала од околу 100 денари на повеќе од 130 денари, а за месото додава дека нема дилема – неговото поскапување е континуирано.
„И млечните производи постојано поскапуваат, овошјето исто така. Пензиите стигнуваат за пазарање на основни продукти, но не дозволуваат често да се јаде месо. На пример јунешко или мисиркино месо, не се често достапни за еден просечен пензионер“, вели таа.
И Бојан Р. ни рече дека со плата од работа во државна институција тешко се покриваат месечните трошоци за четиричлено семејство ако се пазарува исклучиво во маркетите.
„Маркетите се сѐ поскапи и едвај стигнуваат пари за основните потреби: храна и сметки, особено ако семејниот буџет е дополнително оптоварен со кредити за реновирање или за школување на децата“, вели Бојан.“
ССКМ со нарушен углед
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата е плод на претходното раководство кое, како што наведуваат, со дејствијата во февруари 2025 не ги почитувало структурите, го прекршило статутот и го нарушило угледот на ССКМ, за што било разрешено во јули истата година.
„Како нов преседател на Сојузот на стопански комори на Македонија ќе ја почитуваме одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата и изречената финансиска казна и во оваа прилика би истакнал дека единствено слободниот пазар е основниот параметар според кој се формираат цените”, изјави Горан Ѓеорѓиевски – претседател на ССКМ.
Синдикатите - долгите постапки немаат ефект
Реакција за високите цени, но и за долгата постапка во Комисијата за заштита на конкуренцијата за ваквото дејствување на маркетите, доаѓа и од Сојузот на синдикати на Македонија, од каде за Радио Слободна Европа велат дека вака долги постапки немаат ефект, додека истовремено, според нивните податоци, на секое семејство му недостигаат најмалку 4.295 денари месечно, што на годишно ниво е вредност на една минимална синдикална кошничка од околу 1.000 евра, само за основни услови за живот.
Државните институции мора да реагираат побрзо и поефикасно, а казните за ваквото картелско здружување треба да бидат поголеми, вели за РСЕ претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
„Каква корист имаат работниците и граѓаните од казните на ваквото картелско однесување и дивеење со цените, кога повторно плаќаат скапи цени на производи, а државата си го полни буџетот од ДДВ на повисоки цени, како и од казните, а на грбот на граѓаните кои повторно не гледаат никаква помош“, вели Трендафилов.
Како била нарушена конкуренцијата?
Инаку, кога Комисијата за заштита на конкуренцијата ја отвори истрагата во февруари годинава, тогаш наведе дека биле направени контроли во просториите на четирите големи синџири маркети и во Сојузот на стопански комори на Македонија.
Од увидот во документацијата и електронската комуникација, КЗК соопшти дека пронашла докази за договорено и усогласено делување: компаниите наводно се договориле да не набавуваат стока од добавувачи кои испраќаат нови, повисоки ценовници, а дека според Комисијата тоа претставува забранет договор и нарушување на конкуренцијата.
Покрај истрагата за ценовното договарање, КЗК покрена и посебна постапка против Сојузот на стопански комори за доставување неточни или нецелосни податоци што можеле да ја заблудат Комисијата, за што е предвидена казна до 1 процент од приходот.