Могерини поднесе оставка од функцијата ректор на Колеџот на Европа
Поранешната шефица за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Федерика Могерини, која е осомничена за измама, поднесе оставка од функцијата ректор на Колеџот на Европа, каде млади луѓе се образуваат за дипломатија.
„Во согласност со најголемата строгост и праведност со кои отсекогаш ги извршував моите должности, денес одлучив да поднесам оставка од функцијата ректор на Колеџот на Европа и директор на Дипломатската академија на Европската Унија“, наведе таа во писмената изјава, пренесе „Политико“.
Могерини и Стефано Санино, генералниот директор на одделот за Блискиот Исток на Европската комисија, беа приведени на 2 декември во акција на белгиската полиција во рамки на покрената истрага за измама. Санино одлучи да се пензионира предвреме.
Откако беа сослушани и формално информирани за обвиненијата против нив, тие беа ослободени бидејќи беше оценето дека нема ризик од бегство.
Полицијата изврши претреси во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и Колеџот на Европа поради наводна корупција при основањето на академијата за обука на дипломати.
Могерини работи во Колеџот на Европа од 2020 година. Таа беше висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика од 2014 до 2019 година, а претходно беше министерка за надворешни работи на Италија.
Европското јавно обвинителство (ЕЈО) соопшти дека детали од истрагата не можат да бидат објавени за да не се загрози нејзиниот исход, и дека сите обвинети се сметаат за невини сè додека не се докаже нивната вина од страна на надлежните белгиски судови.
Предмет на истрагата е деветмесечна програма за обука на млади дипломати во земјите-членки на ЕУ, за што Колеџот на Европа доби тендер од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.
Во тоа време, генерален секретар на ЕЕАС беше Стефано Санино.
Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за јавна набавка со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен тендерот.
ЕЈО е независно јавно обвинителство на Европската Унија. Тоа е одговорно за истражување, гонење и изведување пред лицето на правдата на сторители на кривични дела поврзани со финансиските интереси на ЕУ.