СДСМ обвини дека семејна фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендер - Томовски вели дека тоа се измислици
Вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра добила семејна фирма на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ, обвини на прес конференција членот на Централниот одбор на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Како што соопшти Димитријевиќ, се работи за компанијата „Сити логистик“, која е основана од таткото на директорот на СОЗР, Витомир Томовски.
„Сопственик на „Сити логистик“ во моментот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата – Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. „Потоа се менува името на фирмата – „Сити аутсорсинг“. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име“, изјави Димитријевиќ.
Тој рече дека со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, „бизнисот на фамилијата Томовски експлодирал“.
„За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат.“ потенцираше Димитријевиќ.
На обвинувањата одговори директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кој посочи дека посочената компанија од СДСМ не е негова, ниту пак има било каков удел во нејзе, иако обвинувањата за добивањето на тендерите опозициската партија ги поврзува со неговиот татко и близок роднина.
„Јас во моментов немам никака приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи“, напиша Томовски на Фејсбук.
Како што рече, ги повикува сите можни институции да ги истражат случајот.
Реагираше и компанијата „Сити аутсорсинг“, од каде рекоа дека посоченото лице нема врска со нивната компанија и дека објавените информации од СДСМ се политичка пресметка врз нивен грб.
„Без да навлегуваме во политички пресметки или дневно-политички наративи, категорично ги демантираме сите изнесени наводи со кои се поврзува споменато лице со нашата компанија. Истото лице нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со „Сити Аутсорсинг“. Компанијата од своето основање до денес бележи континуиран и стабилен раст, резултат на професионално, одговорно и законито работење. Дополнително, дел од овој раст произлегува од затворањето на две други компании на пазарот, што создаде можност за преземање дел од нивните претходни обврски и клиенти“, се вели во реакцијата на компанијата на обвинувањата од СДСМ.
Антокорупциска ја запре постапката за друг тендер поврзан со ТомовскиОва не е единствен случај на тендер во кој се поврзуваат роднински врски и добивањето на тендери со директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
На 20 јануари 2025 година, РСЕ објави дека компанијата „Праеториан“ која го добила тендерот на СОЗР за обезбедување на државни објекти формирала подружница по објавување на тендерот која води до роднински врски на Томовски.
СОЗР го распиша огласот на 10 октомври 2024 година. До тој момент, компанијата „Праеториан ДООЕЛ“ е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а како управител е заведена Анета Јарчева.
Сепак, документите кои ги обезбеди РСЕ покажуваат дека само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“.
Адресата на која беше регистрирана подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ е на улица 7-ми ноември бр. 262 во Охрид. Тоа беше истата адреса на која се наоѓа седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик e Дарко Гашиќ, кој пак е прв братучед на директорот на СОЗР Ивица Томовски.
Тогаш, Томовски за РСЕ вели дека нема информации за тоа дека Власе Танаскоски е дел од „Праеториан ДООЕЛ“ и дека подружницата на која тој е раководител е регистирана на фирмата на неговиот прв братучед Дарко Гашиќ.
За Власе Танаскоски рече дека не му е прв братучед. На прашањето во каква роднинска врска се, Томовски кажа „може да му биде некој многу далечен роднина, а можеби и ништо“, додека за Дарко Гашиќ потврди дека му е братучед. Меѓутоа, директорот негираше потенцијален непотизам и судир на интереси.
За случајот, предмет отвори и Државната комисија за спречување на корупцијата. Речиси 10 месеци подоцна, на 25 седница, одржана на 14 ноември, антокорупционерите донесоа решение постапката да се запре.
Образложението е дека Комисијата „не утврди повреда на одредбите за спречување судир на интереси од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема елементи понатамошно постапување“.
Одлуката на антикорупционерите за запирање на постапката следува откако Томовски им доставил два документа.
Едниот документ е изјава заведена кај нотар дека Власе Танаскоски не е негово блиско лице. Другата изјава е за непостоење на судир на интереси, во која „под целосна морална, материјална и кривична одговорност изјавил дека не е во состојба на судир на интереси и нема приватен интерес при реализација на гореспоменатата јавна набавка, односно нема било каква друга материјална и нематеријална корист за него или за негови блиски лица, како резултат на неговото учество во постапката“.