СДСМ бара истрага за Ивица Томовски, тој најави тужба за клевета
Опозицискиот СДСМ денеска изнесе како што наведе „нови докази и документи“ за фирмата „Сити аутсорсинг“ за која велат дека е семејно поврзана со директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски.
Како што објавија од СДСМ, компанијата првично се викала „Сити логистик“ – основана од Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица, со управител Слободан Кутановски, нивен близок роднина – пред да стане „Сити аутсорсинг“. Според објавените податоци од опозициската партија, компанијата добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.
Во денешната прес - конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека компанијата „Сити аутсорсинг“ меѓу контактните телефонски броеви има наведено и број кој при проверка води до фотографија на Ивица Томовски.
„Во документите на ‘Сити аутсорсинг’ стои број кој по проверка, се појавува слика на Ивица Томовски. Ова дополнително ги потврдува семејните врски со татко му Витомир и роднинот Кутановски. Затоа, ДКСК и Јавното обвинителство мора да истражат за конфликт на интереси и корупција во врвот на владата на Мицкоски. Кој сега ќе бара извинување од Томовски?“, изјави Кузеска.
Таа рече дека не планираат да се извинат како што вчера побара директорот на СОЗР, Ивица Томовски. По денешната прес-конференција, Томовски најави тужба за клевета. За телефонскиот број кој јавно го објави опозицијата, не негираше дека е негов.
„Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат и следува тужба“, вели Томовски.
На вчерашните обвинувања од СДСМ реагираше и компанијата „Сити аутсорсинг“, од каде рекоа дека објавените информации се политичка пресметка врз нивен грб.