Кочани го живее најтешкиот период во историјата
Девет месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, последиците од трагедијата се уште силно се чувствуваат во малиот град на истокот на државата.
Болката од загубата на 63 млади животи во трагичната несреќа на 16 март 2025 година се одразува врз психолошката состојба на граѓаните, но и врз економската состојба во градот и во социјалните контакти меѓу луѓето.
Затоа, градоначалникот Владко Грозданов вели дека Кочани ги живее најтешките моменти во својата историја.
Родителите на загинатите во пожарот живеат во тага и бараат правда. Очекуваат дека ќе ја добијат откако ќе заврши судењето за „Пулс“ кое е на својот почеток. Кај повредените, физичките рани не се целосно зараснати - многумина ќе имаат нови операции.
Заработката кај малите бизниси во градот е опадната за 50-70 отсто.
За колку-толку да се намали траумата, во Кочани се отворени два центри за психо-социјална поддршка. Во нив секој кој сака, може да побара и да добие психолошка помош.