Осмомартовски марш во Скопје со минута молк и пораки против насилството
Со минута молк и пораки за правда денеска во Скопје започна традиционалниот Осмомартовски марш, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија.
Учесниците точно напладне се собраа во паркот „Жена борец“, од каде маршираа кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.
Годинашниот марш се одржува под слоганот „Нема да нè снема“, кој, според организаторите, ја изразува непоколебливата борба на жените да опстојат во систем и општество што како што велат често не ја гарантира нивната безбедност, не ги штити од насилство и ги остава на маргините.
Учесниците порачаа дека празничните честитки за 8 Март не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.
Маршот се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март, кој симболизира солидарност и отпор во стремежот кон еднаквост и достоинствен живот.