Владата најавува вонредни мерки за цените на горивата
Владата на Северна Македонија најавува дека утре на седница ќе донесе вонредни мерки за го ублажи ценовниот скок на горивата што почнаа да растат поради војната во Иран.
„Цените на светските нафтени берзи растат, што се очекува дополнително да се одрази на домашната цена на горивата. Иако на бензинските станици во земјава има убедливо најевтини горива во споредба со регионот се очекува во понеделник да има дополнителен раст на цените на дизелот и на бензините. Заради тоа Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот скок“, брифираат од Владата, пренесува државната агенција МИА.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) од 16 март, највисоките малопродажни цени се: 92 денари дизел; 86,5 денари за бензин Еуросупер 95; 88,5 денари за Еуросупер 98.
Сепак, од 18 март, најголемите нафтени компании во земјава одлучија на бензинските пумпи да точат гориво поевтино за два дена од максималната цена што ја одреди РКЕ.
Со последните две корекции на цената на горивата во земјава што ги донесе РКЕ, максималната цена за литар дизел се зголеми за 21 денар, а на бензините за 12 денари по литар.
Дел од земјите во регионот веќе се одлучија за мерки за спречување на ценовните шокови.
Црногорската влада во петокот објави дека воведува „максимални мерки“ за ограничување на цените, а воедно и намалување на акцизите. Министерот за енергетика и рударство на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ, изјави дека акцизите за евродизелот ќе бидат намалени за 50 проценти, а за евросупер 98 и евросупер 95 за 25 проценти.
Во Србија по одржана седница на Советот за национална безбедност, претседателот Александар Вучиќ на 20 март најави дека државата ќе ги намали акцизите на нафтените производи за 40 проценти.