Франција ја забрани продажбата на пиротехнички средства на Денот на Бастилја по немирите
Во неделата владата издаде декрет со кој се забрануваат „пиротехнички производи“ за прослави на 14 јули, што е националниот ден на Франција.
Овој потег доаѓа откако протестите се претворија во немири поради смртта на 17-годишниот тинејџер Нахел М. од алжирско потекло. На 27 јуни беше убиен од полицијата при сообраќајна контрола.
Полицаец е под истрага за убиство. Неговиот адвокат претходно изјави дека полицаецот немал намера да го убие тинејџерот.
„За да се спречи ризикот од сериозно нарушување на јавниот ред и мир за време на свеченостите на 14 јули, забранета е продажба, носење, транспортирање и користење на пиротехнички производи и огномети, а забраната завршува на 15 јули“, се вели во уредбата објавена во францускиот официјален весник.
Забраната не се однесува на професионалци или општини кои организираат традиционален огномет за прославите на Денот на Бастилја.
Падот на Бастилја, на 14 јули 1789 година, е симбол на крајот на апсолутистичката монархија и единството на нацијата. После тоа, на 26 август 1789 година била усвоена Декларацијата за човекови и граѓански права. Таа декларација подоцна ги воспостави француските национални вредности - слобода, еднаквост и братство.